Од УХМР известуваат дека времето денес ќе биде облачно со врнежи од дожд, на места врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 20 л/м2), проследени со силен ветер (над 70 км/час). На планините на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Попладне врнежите ќе преминуваат во снег и на некои повисоки места. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а во попладневните часови ветерот ќе го промени правецот во северен и дополнително ќе засилува. Во текот на ноќта особено вдолж Повардарието ќе дува силен северен ветер. Максималната температура ќе биде во интервал од 8 до 15 степени.

Во Скопје, облачно со врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 12 степени.

Поради продор на многу студена воздушна маса од север утре попладне ќе почне да дува засилен северен ветер, кој ќе се задржи и во следните денови и ќе услови значително заладување. Во петок времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност, ветровито и студено. Во деновите од викендот ќе биде многу студено со врнежи од снег. На планините ќе се зголеми снежната покривка. Утринските температури на места ќе се спуштат и до минус 12 степени, а и дневните на повеќе места ќе се задржат под нулата.